
Градоначалникот на општина Кочани, Влатко Грозданов заедно со претседателот на советот на општина Кочани, Александар Андов, остварија конструктивна средба со претседателот на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) Масар Омерагиќ.
На средбата била потврдена силната поддршка од ФФм за развојот на спортската инфраструктура во Кочани.
„Фудбалската федерација на Македонија ќе биде инвеститор на проект за реконструкција на просторот под трибините на Градскиот стадион „Никола Мантов“, додека Општина Кочани ќе обезбеди комплетна проектна документација. Планирано е со специјализирана машина да се изврши и обновување на подлогата на фудбалскиот терен. На средбата, градоначалникот Грозданов и претседателот Андов, на претседателот на ФФМ Омерагиќ му врачија подарок – дуксер од ГФК „Осогово“, новиот бренд кој го претставува спортскиот дух и традицијата на нашиот град“, се вели во соопштението на општина Кочани.
Според Грозданов и Андов, ова ќе претставува уште еден чекор напред кон модернизација на спортските капацитети, а општина Кочани и натаму ќе продолжи посветено да работи за подобри услови, нови инвестиции за развојот на спортот.
Александар Ванев, М-Нет