
Градоначалникот на Општина Виница, Миле Петков, оствари средба со амбасадорот на Народна Репубика Кина, Џанг Ѕуо. На средбата се разговараше за економската соработка, геотермалните води во Виница, но и инфраструктурата и образованието. Иако не падна некој конкретен договор, сепак Петков истакна дека Кина е подготвена да инвестира во земјава, особено во Виница и оти се надева дека бенефитите од средбите ќе бидат видливи.
„Нашите соработки на локално ниво како Народна Република Кина се многу важни и би сакал да ја подигнам таа соработка на многу повисоко ниво, да соработуваме многу поинтензивно помеѓу локалните самоуправи“, истакна амбасадорот.
„Кина е пријателска земја на Македонија и општина Виница е првата општина во Македонија која се приклуч на Урбаната алијанса „Патот на свилата“ за цел промоција на економската и трговската соработка. Исто така и продолжување на културните и образовните соработки. За тоа и разговаравме со амбасадорот“, додаде градоначалникот.
Кинескиот амбасадор беше пречекан со зборови на кинески и две песни кои ги испеа Јана Алексова од основното училиште „Славчо Стојменски“ каде учи во петто одделение. Јана зборуваше кинески и пред медиумите.
Градоначалникот и амбасадорот се согласија на продлабочување на соработката помеѓу двете држави и уште понатамошни заеднички средби.
Ребека Спасова М-Нет