Горазд Михаилов нов тренер на Брера: Чест и задоволство е да бидам тренер овде, им благодарам за довербата!

Брера Струмица го назначи Горазд Михаилов за нов шеф на стручниот штаб за продолжението од сезоната во Првата македонска фудбалска лига.

Михаилов доаѓа како наследник на Бојан Круљ кој спогодбено се раздели со струмичкиот прволигаш поради лошите резултати, а Михаилов во Брера доаѓа од редовите на Вардар, каде беше тренер изминатата полусезона и првите два натпревари од новата сезона.

Во стручниот штаб на Михаилов помошници ќе му бидат Тане Темелков и Тони Атанасов кој од младинскиот погон се префрлува во сениорите, кондиционен останува Дарко Коцев а со голманите ќе работи Ѓорѓе Шопов.

Во својата кариера ги водеше екипите на Силекс, велешки Борец, Тетекс, Напредок, Пелистер и Охрид, а работеше и во Приједор во Босна и Херцеговина.

Михаилов вели дека сака да форсира млади играчи и да игра офанзивен фудбал.

Михаилов своето деби на клупата на Брера ќе го има на домашен терен против новајлијата Беса од Добри Дол, а во рамки на 5. коло. Репрезентативната пауза е добредојдена за подобра подготовка на екипата.

Александар Ванев, М-Нет