Големо Коњари на чекор од баражот за Втора лига, Слога Виница и Шкендија Арачиново до нови победи, Тетекс и Преспа до три бода!

Вчера во рамки на 12. коло на Трета лига – Исток во Виница се одигра дербито каде Слога со 2:0 ја доби Брегалница Делчево, трите бодови останаа во Зрновци откако Светлост со 3:2 ја доби Тиверија, Ударник на домашен терен загуби од Малеш со 1:2.

Минимална победа од 1:0 забележа Дојранско Езеро против Овче Поле, а пак Карбинци со 0:4 го доби Хоризонт Турново и сега овој тим ќе конкурира за второто место на табелата.

Лидерот Слога Виница има 13 бодови повеќе во однос на Овче Поле и Брегалница од Делчево кои го делат второто место со по 20 бодови.

Големо Коњари со 8:0 го доби Венец до Долни Дисан во рамки на 17. коло на Трета лига – Југ, го искористи ремито на Превалец од 3:3 против Слога Лажани и поразот на Башкими 2008 од Ултрас со 1:2 со што сега лидерот има 38 бодови, шест повеќе од Превалец и Башкими 2008 кои го делат второто место со по 32 бодови.

Дреново на домашен терен загуби од некогашниот второлигаш Росоман со 1:2, а пак Влазними Јуниор со 0:4 беше поразен од Младост од Кривогаштани.

Во Трета лига – Запад се одиграа натпреварите од 15. коло, каде лидерот Тетекс со 1:4 беше убедлив против Велазерими Слатино, а пак Влазрими од Кичево службено го доби мечот со Џепчишти, откако гостинот не се појави на терен.

Љуботен со минимални 1:0 беше подобар од поранешниот прволигаш Напредок од Кичево, а пак Речица конечно забележа победа од 3:2 над Дрита. Екипата на Камјани со 4:1 го доби Доброшти, а колото ќе се комплетира на 23. април со мечот меѓу Ренова и Вардар од Брвеница.

Лидер е Тетекс со 38 бодови, а пак Влазерими е втор со 34 бодови.

Во Трета лига – Југозапад се одиграа натпреварите од 13. коло каде ланскиот второлигаш Караорман со 2:0 беше подобар од Света Троица, Славеј со 2:0 славеше против фаворитот Кораб, Велешта и Кравари ремизираа 1:1, Евротип со 4:3 го доби дуелот со Влазними, а пак Лидерот Преспа со 5:0 беше пресилен за Демир Хисар.

На врвот на табелата е Преспа со 31 бод, Кораб е втор со 28 бодови, на третото место е Сатеска со 27 бодови.

Во Трета лига – Север овој викенд се одиграа натпреварите од 17. коло каде Куманово со 2:0 беше подобар од Башкими Љуботен, лидерот Шкендија Арачиново со 6:0 ја декласираше Пчиња, БВК Коњаре со 3:2 го доби некогашниот второлигаш Кадино.

Висока победа за Аеродром од 4:1 над екс прволигашот Еуромилк ГЛ, Њу Старс со 6:0 го доби мечот со Риниа. Академија Илинден во меч со девет гола беше подобра од Фортуна со 5:4, додека пак Ржаничино дојде до важна победа над Беса Влазрими со 2:0.

Во однос на табелата на врвот е Шкендија Арачиново со 49 бодови, а пак Фортуна е втора со 33 бодови.

Александар Ванев, М-Нет