Големи одрони на патиштата во истокот, најкритично с. Истибања – Каменица

Обилните врнежи од дожд предизвикаа бројни поголеми одрони на повеќе клучни патни правци во источна Македонија. Екипите на Македонија пат уште од утрово интервенираат со механизација, додека дождот и понатаму паѓа. Најкритично е на патот Истибања – Калиманци, каде големи количества земја и камења го попречуваат сообраќајот. Одрони има и кон Делчево, Берово и Струмица, речиси на сите планински делови. Возачите се повикуваат на зголемена претпазливост поради можни нови свлекувања.

,,Причината се обилните врнежи од дожд што беа во текот на целата ноќ и утринските часови, но и сега имаме дожд. Одрони имаме и тоа пообилни и поголеми на патниот правец с.Истибања до браната Калиманци, каде имаме интервенции со машини. Одрони има и на М. Каменица до Делчево, од Виница до Берово, одрони од Берово до Струмица, значи малте не на сите планински делови, каде што имаме засици имаме одрони.“, рече Цоневски

Од Македонија пат апелираат на исклучително внимателно возење, бидејќи камењата продолжуваат да паѓаат и по извршените интервенции. Иако патиштата се обезбедени со заштитни мрежи, пообилните врнежи повторно го активираат истиот долгогодишен проблем на планинските делници.

,,Апелираме на многу внимателно возење, затоа што и после нашите интервенции камењата паѓат, така да предупредуваме. Toa e планински дел, таков е теренот, тоа не од оваа години. Со години го имаме овој проблем. Имаме и обложни мрежи имаме се, но кога имаме пообилни врнежи од дожд се појавуваа тој случај.“, додава Цоневски

Ситуацијата на теренот ќе се следи непрекинато, а екипите на Македонија пат ќе продолжат со расчистување и интервенции. Возачите повторно се повикуваат на претпазливост, особено на планинските делници.

Иван Митев, М-Нет