
Ученички маскенбал под мотото „Живееме на страниците на книгите“ вчера се одржа во просториите на ООУ „Тошо Арсов“ во Штип. Настанот беше дел од завршните активности по повод Месецот на книгата и привлече голем број ученици, родители и наставници.
Учениците дефилираа маскирани во ликови од лектири, романи, приказни, басни и сказни, претставувајќи ги своите омилени книжевни јунаци. Нивната креативност, оригиналност и посветеност дојдоа до израз преку внимателно изработените маски и костими, а најуспешните и најкреативните од нив беа и наградени.
Организаторите истакнаа дека маскенбалот целосно ја исполнил својата мисија – да ја промовира љубовта кон читањето, да ја поттикне имагинацијата и да го охрабри творечкиот дух кај учениците. Настанот помина во одлична атмосфера исполнета со насмевки, дружење и забава, а силната соработка меѓу учениците, родителите и наставниците уште еднаш го потврди препознатливиот училиштен дух на оваа образовна установа.
Иван Митев, М-Нет