Голем број верници и иселеници од странство ја одбележаа Света Злата Мегленска во Штип, се помолија за здравје

Голем број верници и иселеници од странство, денеска ја посетија црквата посветена на Света Злата Мегленска, во близина на населбата Три Чешми во Штип. По повод празникот, рано утринава се одржа света литургија, на која присуствуваа верници кои запалија свеќи и се помолија за здравје и благосостојба. По завршувањето на богослужбата, на присутните им се раздаваше погача за здравје, а верниците си наполнија шишиња со светена вода. Одбележувањето на празникот е можност верниците да се потсетат на животот и пожртвуваноста на Света Злата Мегленска, која останала запаметена по својата непоколеблива вера и маченичкото страдање.

За тоа која била Света Злата Мегленска, од каде потекнува и низ какви маки поминала поради својата вера, зборуваше Стојан Димков од здружението „Мирка Гинова“ од Штип. Тој раскажа за нејзиното страдање и ги поучи младите, верата во Бога треба да се чува и почитува.

,,Злата Мегленска е родена во село Слатина во воденскиот крај. Јас имам одено во таа црква. Злата Мегелнска е меѓу поголемите празници. Таа е носител на православието во светот. Била измачена и малтретирана, но и исечена. Било Божјо чедо. Нејзинтие родители ја советувале да не кажува која е, но таа по јавување од Бога, дека мора да ја каже вистината за Господ, раскажувала. Тоа се неверниците кои до ден денеска постојат за да го уништат православието во светот, ама нема да успејат, се додека има луѓе. Посакувам да веруват во Бога, да ја го сакаат Гопсод, Богородица, Христос златен и да не прават нечесни работи.“, вели Димков

Според житието, Света Злата Мегленска е родена и пострадала во Слатина, Мегленско, тоа што е денес Егејскиот дел на Македонија. Таа е ќерка на сиромашни селски родители, коишто имале уште три ќерки. Света Злата Мегленска зрачела како со духовни, така и со телесни високи квалитети. Духовните квалитети ѝ биле силната вера во Господ Исус Христос, нејзината смиреност и чистото срце, а надворешно била необично убава.

Иван Митев, М-Нет