
За повисоки плати и исплата на додатоците на плата протестира судската администрација. Но на вчерашната седница Судскиот совет донесе одлука да не се исплатат додатоците на плата. Претседателот на Судскиот совет, Сашко Георгиев, денеска од Штип рече дека реалниот проблем е што средства за ова мора да се исплатат од Министерството за финансии. Тоа го гледа како децениски проблем.
„Имаме реален проблем со финансиската независност на судството коешто се одразува во секој сегмент, тоа го истакнуваме како децениски проблем во минатото, а се носиме со сегашноста како реален проблем. Имаме активни протести, некаде и штрајкови, најави за штрајкови. Не неколку состаноци со синдикалните организации се обидуваме да најдеме неколку соодветни решенија. Морам да кажам дека тешко оди, сето тоа е со Министерството за финансии, кои треба да ги исплатат овие средства како додатоци на плата“, вели Сашко Георгиев, претседател на Судскиот совет.
Судскиот совет во неколку наврати се обидувал и од своите средства да обезбеди додатоци на плата за судската администрација, но Финансии не било согласно ниту за тоа.
„Судскиот буџетски совет во неколку наврати имаше и обиди со свои одлуки за пренамена на средствата, од капиталните инвестиции коишто се на располагање да ги пренамениме за додатоци на плата, со цел да се амортизира тој дел, да речеме, како утешно нешто со некаков процент да се делува за администрацијата. Но сето тоа повторно од страна на Министерствтото за финансии не помина, не беа одобрени овие парични средства со нивна согласност и останаа без додатоци“, додава Георгиев.
Георгиев вели дека ова претставува проблем на кој се работи, а без чие решавање, според него, би дошло до блокирање на судството оти судската администрација е важна алатка во него. Повика на разбирање од страна на Министерството за финансии, кои треба да најдат начин за надминување на проблемот.
Ребека Спасова М-Нет