Втор дефект на главната водоводна линија во Штип, екипите на ЈП „Исар“ работат на санација

Втор дефект на главната водоводна линија за само една недела и повторно една третина од граѓаните на Штип се разбудија со суви чешми. ЈП „Исар“ утринава почна со санирање на дефектот, откако во дел од градот уште вчеравечер немаше вода. Градоначалникот Јорданов е оптимист дека екипите ќе го санираат дефектот, но високите делови од градот вода ќе добијат дури во доцните ноќни часови.

„Нажалост во рок од само неколку дена по вторпат се случува дефект на главната водоводна линија којашто ги опфаќа ниските зони во нашиот град и заради него неколку населби повторно ќе останат без вода за пиење. Екипите на ЈП „Исар“ веќе неколку часа работат на отклонување на овој дефект. Веќе се откопува местото каде што е настанат самиот дефект, се надевам дека за нешто повеќе од еден час ќе успее да се создадат услови за промена на цевката каде што е настанат дефектот. Очекувам во попладневните часови комплетно да се изврши замената на главната цевка и веќе во доцните ноќни часови да добијат чиста за пиење“, истакна Јорданов.

Јорданов потенцира дека вакви дефекти се неиздрживи и за граѓаните на општина Штип, и за јавното претпријатие, поради што по секоја цена мора да се распише референдум за искористување на парите од самопридонесот. Општина Штип ќе ги додаде потребните средства за комплетна замена на водоводната мрежа со цел помалку нервози кај граѓаните, и помалку трошоци на јавното претпријатие.

„Темелното решение гласно зборуваме дека е во искористување на парите од самопридонесот за промена на застарените водоводни линии. Од тоа што го добив како информација, оваа главна водоводна линија е стара од 1988 години. Дефинитивно, по секоја цена ќе се распише референдум за искористување на средствата. Дополнително, Општина Штип ќе кофинансираа за промената“, додаде Јорданов.

Штип и штипјани со дефекти на водоводната мрежа се соочуват речиси секоја година поради зголемената потрошувачка на вода, а оваа година се почести поради зголемениот доток на вода од ХС Злетовица.

Ребека Спасова М-Нет