
Над 90% од родителите бараат врски за оценките на своите деца, а 60 – 70% од децата се сведоци на незаслужени оценки. Вакви поразителни резултати покажуваат спроведените анкети на Државната комисија за спречување на корупција. Претседателката, Билјана Ивановска, вели дека апелот мора да биде до сите, и до наставниците и до родителите. Родителите треба да воспитуваат, но и да имаат доверба во просветните работници кај кои ги испраќаат децата на училиште.
„Во досегашните анкети искажаа дека повеќе од половината, околу 60 – 70%, се сведоци на незаслужени оценки, а причината за тоа е што родителите барале врски. Мислам дека апелот треба да биде до сите, не само до децата. Децата се една категорија, меѓутоа тука се и родителите од дома и наставниците од тука. Родителите се тие коишто треба да воспитуваат, наставниците треба да образуваат и не треба да има мешање на едното и другото“, истакна Ивановска.
Според спроведената анкета, децата секогаш помош бараат од родителите, но, според Ивановска, тие мора да научат сами да се борат и да сфатат дека не е важна оценката, туку истата да биде заслужена и тие да се стекнат со знаење.
„Не треба тие да имаат перцепција дека треба да се потпрат на родителите, тоа им е исто еден одговор, дека секогаш помош бараат од родителите, значи не треба тоа да го прават, треба сами да се борат, со свое знаење, со своја умешност, а не со помош на родителите да ги добиваат оценките, бидејќи прецепцијата е дека 92% од родителите бараат врски и тоа е поразително и мора да работиме на тоа. Не е битно да бидат сите со петки, затоа има оценка од еден до пет, битно е да бидат заслужени и да се стекнат со знаење, не само со оценки“, додава Ивановска.
За оваа цел Државната комисија спроведува кампања во училиштата со која на децата им се посочува како да ги препознаат и следат позитивните примери, а не негативните. Пораката за спречување на корупцијата е транспарентност и интегритет.
Ребека Спасова М-Нет