
Професори од Штип, Скопје и други градови во Македонија, но и од Факултетот во Ниш, Р Србија, денеска држеа предавања на симпозиумот на тема од денталната медицина. Ова е 12. симпозиум кој традиционално го организира Универзитетот „Гоце Делчев“, а кој има за цел да ги едуцира стоматолозите, но и да ги изложи најновите информации во врска со болестите кои се јавуваат во областа на денталната медицина.
„Оваа година 12. по ред Симпозиум на меѓународно учество на тема „Современи пристапи во третманот на пациенти кои примаат антикоагулантни, антиагрегантни и антихипертензивни лекови“. Како што споменав, 12. различна тема во сите овие наназад 10 години, учествуваме во едукација на докторите стоматолози од нашата држава, а посебно од Источниот дел“, истакна проф. д-р Киро Папакоча, Факултет за медицински науки при УГД.

Професорот Горан Јовановиќ од нишкиот Факултет акцент стави на пациентите со срцева болест и напомена оти стоматолозите во земјава се информирани во врска со најновите појави кај со овие пациенти.
„Во фокусот на моето предавање е современиот пристап со пациентите кои имаат вградени вештачки срцеви залистоци, кои сега ги има сѐ повеќе и повеќе. Ова е заболување со прилично висок морталитет, така што една антибиотска профилакса која мора да им се даде на тие пациенти ги прави помалку ризични, иако и понатаму се ризични, а исто така примаат и антикоагулантна терапија, така што и од таа страна ние мораме нив да ги перцепираме“, вели проф. д-р Горан Јовановиќ, специјалист по орална хирургија, Факултет за медицина во Ниш.

Кардиологот д-р Тања Анѓушева ја напомена потребата од координирано функционирање на кардиолозите и стоматолозите, особено затоа што е докажано дека со појавата на воспалителните процеси во усната шуплина, се зголемуваат и можностите за настанување на кардиоваскуларни заболувања.
„Темата на моето предавање беше типично кардиоваскуларни заболувања и дентална превенција, секојдневна клиничка пракса. Мора секој од лекарите којшто се соочува со оваа проблематика да знае точно што се случува со пациентот, како може да му помогне, што треба да превенира, каков план да направи за неговиот понатамошен третман за да може исходот на пациентот да биде побезбеден. Тимската работа сегде се промовира, а тимската работа помеѓу кардиологот и стоматологот е, навистина, многу битна, затоа што стоматологијата не е само заби, тоа е сѐ“ вели д-р Тања Анѓушева, кардиолог.
Симпозиумот кој го организира Универзитетот „Гоце Делчев“ од година во година е сѐ помасовно посетен, а е акредитиран од стручна комисија при Стоматолошката комора на Македонија.
Ребека Спасова М-Нет