
Нема пропусти во третманот на починатата родилка од Делчево, велат од штипската Клиничка болница по разгледувањето на случајот од страна на Комисијата за контрола на квалитет и етички прашања. Во писменото соопштение кое го испратија до медиумите, посочуваат дека состојбата на пациентката се влошува само десетина минути откако е донесена на Одделот за гинекологија и акушерство за породување.
„Најпрвин, сакаме да изразиме најискрено и најдлабоко сочувство до семејството на починатата пациентка. Што се однесува до текот на лекувањето, пациентката е примена на Одделот за гинекологија и акушерство на 26.12.2023 год., околу 10:20 ч., за породување. Десетина минути подоцна, пациентката колабира, со ниска тензија, немерлив пулс и знаци за шок. Веднаш е внесена во операциона сала, направено е итно породување со царски рез на бебето, кое е веднаш транспортирано на Детска клиника, а поради голема количина на крв во абдоменот, четворица хирурзи почнуваат операција за спас на пациентката. И покрај дадената крв и крвни деривати и операција, пациентката предоперативно, за време на операцијата и постоперативно е со тешка клиничка слика и хемодинамски нестабилна.“ – стои во соопштението од Клиничката болница во Штип.
Поради влошената здравствена состојба, конзилиумот од два анестезиолога, два гинеколога и четири хирурзи одлучуваат пациентката да биде префрлена на КАРИЛ во Скопје за понатамошен третман. Од КАРИЛ, пак, директорката Стојка Нацева Фуштиќ потврдува дека родилката е донесена во лоша здравствена состојба, а нејзиното новороденче се бори за живот на Детската клиника. Тоа е на интензивна, на механичка вентилација и родено со низок апгард. Апгардот значи на раѓање страда детето, штом е со ниски витални функции на раѓање, рече Нацева Фуштиќ. За случајов вонреден инспекциски надзор најави и министерот за здравство, Фатмир Меџити.
„Денеска лично иницирав вонреден инспекциски надзор од Државниот здравствен и санитарен инспекторат и кога ќе имаме конкретен извештај, тоа ќе споделиме веднаш со вас почитувани новинари“, вели Меџити.
Од штипската Клиничка состојба се свесни дека овој случај ќе биде предмет на анализа на институции кои ја контролираат нивната работа, па посочуваат дека ќе почекаат да се види што е причината за ваквиот исход и дали од нивна страна е постапено според медицинските протоколи и медицина базирана на докази.
Ребека Спасова М-Нет