
Д-р Борче Серафимовски синоќа беше избран за нов министер за земјоделство, шумарство и водостопанство на Македонија, а по тој повод пристигнаа бројни честитки и пораки за успешен мандат.
Од Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија истакнаа дека неговото именување претставува признание за долгогодишната професионална работа, посветеност и придонес во развојот на земјоделскиот сектор, оценувајќи дека станува збор за кадар со знаење, искуство и интегритет.
Во честитката се нагласува дека изборот на Серафимовски има и посебно значење за Свети Николе, бидејќи, како што наведуваат, за првпат од осамостојувањето на државата градот добива свој претставник на министерска функција во Владата. Овој момент го оценуваат како историски за локалната заедница, но и како дополнителна одговорност за работа во интерес на граѓаните, земјоделците и руралните средини.
Воедно, му беа упатени желби за добро здравје, мудрост, успешен мандат и истрајност во извршувањето на функцијата, со очекување дека со одговорен и посветен пристап ќе придонесе за унапредување на македонското земјоделство, шумарството, водостопанството и севкупниот развој на државата.