
Во тек бадниково – божиќната акција на ОО Црвен Крст – Штип. Со цел посреќни и исполнети празници, особено на ранливите семејства и лицата од трето доба, од Црвен Крст – Штип спроведуваат низа активности, пред сѐ хуманитарни акции. Како дел од активностите, денес волонтери и одговорни лица од организацијата доставија бадникови пакетчиња до лица од трето доба.
„Ние како волонтери сме само логистичка поддршка за пакетчињата во очи празниците да стигнат кај пензионерите. Пакетчињата се од Здружението на пензионери, а ние ја вршиме доставата на истите“, истакна Ивана Давкова, волонтер.
Пакетчињата ги обезбедува Здружението за возрасните лица кои не можат сами да си набават храна за скромна бадникова трпеза. Истите беа доставени до лица во повеќето населби низ Штип, меѓу кои Осми Ноември и Сењак, а пакетчиња во текот на денешниот ден се доставуваа и во неколку штипски села.
ОО Црвен Крст Штип деновиве спроведува и други активности иницирани од нив, како и активности во кои тие се јавуваат само како логистичка поддршка. Во деновите кои следат до празниците Бадник и Божиќ ќе се достават пакетчиња со храна во штипските села, како и бебешка храна на одделот за неонатологија. Ваквите акции се продолжение на активноста „Елка на хуманоста“, со која како прва во низата штипјани им помогнаа на најранливите семејства.
Ребека Спасова М-Нет