
Само до пред вратата на Акушерското одделение при Клиничка болница Штип нбеше дозволено да влезе градоначалникот Јорданов, во намерата да го посети првото бебе за 2022 година во Штип. И покрај тоа што претходно од кабинетот на градоначалникот добиле дозвола и од родилката и од медицинската сестра, сепак посетата не се оствари. Според Јордаднов, директорот на болницата, доктор Ален Геогријев не дал дозвола на вработените за да отворат и да се посети родилката.
„Денес во комуникација со Акушерското одделение добивме информација дека на свет е донесено првото новороденче во 2022 година. Традиционално првото новороденче го посетува градоначалникот на Општина Штип. Дојдовме еве да оставиме подароци, да ја посетиме родилката, да посакаме бериќетна и успешна година. Од информациите кои ги добивме директорот на болницата им забранил на вработените во Акушерското одделение, според негови протоколи забранил посета од страна на градоначалникот“ – кажа Јорданов.
Во оваа прилика Јорданов истакна дека менаџментот на болницата се грижи за работи кои не се во нивен домен, наместо за многу позначајни работи.
За немилиот настан пред вратите на Акушерското одделение при Клиничка болница Штип, директорот Георгијев кажа дека одговор ќе има утре на прес конференција.
Првото бебе во Општина Штип во новата 2022 година е женско, а мајката е од Радовиш. Според информации од болницата мајката и бебето се во добра здравствена состојба.
Лаура Стојанова М-Нет