Во Штип промовирана „Точки во бескрајот“ на Рената Пенчова – наградена со „Бели мугри“

Стихозбирката „Точки во бескрајот“ од штипјанката Рената Пенчова, која ја доби наградата „Бели мугри“, вчеравечер беше промовирана во родниот град. Книгата е добитник на наградата која се доделува по 15. пат на млади автори до 35 години во рамки на манифестацијата „Денови“, а ја доби и наградата „Антев часовник“ во рамки на манифестацијата „Антево перо“. За поетскиот ракопис одлучуваа претседателот на Комисијата, Славчо Ковилоски, и членовите, Васил Тоциновски и Јованка Христовска, а по промоцијата во Скопје, се претстави и во Штип.

„Ова награда ми е доста драга, затоа што претставува едно заокружување на моето поетско творење, коешто e во текот на студентските денови. „Точки во бескрајот“ претставува едно ново поетско видување во современата македонска поезија, изобилува со стихови коишто се патриотски, но исто така и љубовни. Пишувана е со различни тематики, поделена во три циклуси и, еве, ќе оставам повеќе да откријат читателите“, истакна Пенчова.

Настанот се одржа во НУ-УБ „Гоце Делчев“ – Штип, каде младата авторка има реализирано низа активности. Библиотекарката, Соња Манева, посочува дека млади роднокрајни автори се стожерот за развој на локалната литература, а книгите и библиотеката играат важна улога кај нив.

„Посебна чест и задоволство ни беше што денес можевме да ја промовираме нашата млада, надежна, роднокрајна авторка, Рената Пенчова, со наградената книга поезија со наградата „Бели мугри“. Тоа е уште еден доказ како библиотеката и книгите можат да влијаат врз формирањето на вакви, успешни, млади личности“, истакна библиотекарката, Соња Манева.

Ова е четврта книга на Пенчова. Младата авторка пред десетина години ја има објавено својата прва стихозбирка „Љубовта трепери во срцата“, по што ги објави и стихозбирката „Осцилации“ и романот „Патот до метаморфоза“.

Ребека Спасова М-Нет