
Во чест на празникот Курбан Бајрам, на 31 мај во спортската сала на ООУ „Тошо Арсов“ во Штип ќе се одржи турнир во мал фудбал, кој за првпат се организира во ваков формат.
Настанот е во организација на клубот за мал фудбал „Кардшлк“, предводен од претседателот Ведат Адемов – Веко, а почетокот е закажан за 12:00 часот.
На турнирот ќе настапат шест екипи составени од играчи од ромската заедница, кои преку спортот ќе испратат порака за заедништво, пријателство и фер-плеј. Организаторите најавуваат интересни натпревари, спортска атмосфера и можност љубителите на фудбалот да уживаат во квалитетни пресметки на теренот.
Од клубот истакнуваат дека целта на настанот е покрај спортската промоција, да придонесе и за зближување на младите и јакнење на заедничките вредности во локалната заедница.
Штип на 31 мај ќе биде домаќин на вистински спортски празник, каде малите голови ќе донесат големи возбудувања.