
Течат последните подготовки пред одржувањето на традиционалните „Тодорови трки“ во Општина Виница. Учесниците имаат можност да се натпреваруваат во неколку атрактивни дисциплини, како трчање, трчање со јајце во лажица, со шише на глава, трчање во вреќа, со врзани очи, возење велосипед, влечење јаже, трка со коњи, јадење тортини. Како што посочи градоначалникот, Миле Петков, обезбедени се награди за сите учесници во сите дисциплини.
„Во сабота на 15 март ќе се одржат традиционалните „Тодорови трки“, подготовките течат со засилено темпо, веќе сме во завршна фаза, има доста атрактивни спортски дисциплини кои ги нема на вакви настани. Обезбедени се награди за сите победници во сите категории“ – вели Петков.
Настанот е закажан за 11 часот на градскиот стадион во Виница. Учество може да земат сите граѓани од најмалите, дечињата во детските градинки до највозрасните односно пензионерите.
„На овие Тодорови трки имаме од најмали до највозрасни, учествуваат дечињата од градинката па се до пензионери. Настанот започнува во 11 часот на градскиот стадион во Виница“ – додава Петков.
И оваа година се чекува масовна посетеност на традиционалните „Тодорови трки“ во Виница. Петков ги повика граѓаните од Виница но и од регионот да бидат дел од настанот и да уживаат.
Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет