
Во завршна фаза е огласот за вработување на 18 лица во КБ Штип, одлуката е донесена се чека завршување на изброите. Но, како што посочи директорот на болницата, доктор Владко Захариев, во процедура е уште еден оглас со кој би требало да се вработат нови 25 лица. Со овој оглас акцентот се става на техничкиот персонал кој недостасува во болницата.
„Актуелно што е – огласот што беше со 18 вработувања, процедурата е во завршен чин, но поради изборите, од ДКСК немаме услови за потпишување решение. Периодот на интервју, на одлука е донесен, периодот на жалби е поминат се чека само завршување на периодот на изборите. Исто така треба да напоменам дека во процедура ни е во Министерство за финасии за 25 други вработувања. Овде ќе биде повеќе помошен персонал, акцентот ќе биде на болничари, чистачки, технички персонал и медицински сестри“ – вели Захариев.
Дополнително до крајот на оваа година, Захариев, очекува да се распише и трет оглас за вработување со што би се намалил недостатокот на вработени. Оптимистички смета дека почетокот на наредната 2026 година ќе започне со подобра кондиција кога е во прашање бројот на вработени во биолницата.
„Се надевам дека до Нова Година ќе има уште еден оглас. Недостаток на персонал има на сите одделенија. Но, јас се надевам дека со реализацијата на овие огласи 2026 година ќе ја почнеме со подобра кондиција“ – додава Захариев.
Проблемот со недостаток на персонал во болницата се провлекува со години, дел од лекарите заминуваат во приватното здравство, а се чека подолг период за вработување на нови лица. Со последните активности се прават напори да се зголеми бројот на вработени, како лекари така и технички персонал со цел да се подобрат условите за пациентите.
Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет