Во пролетниот дел во ВАР-системот ќе има новитет

ФОТО: ФФМ

ВАР системот од пролетниот дел ќе има новитет како што најави претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ во неговото новогодишно интервју.

Прволигашите од пролетниот дел кои ќе се чувствуваат дека се оштетени ќе можат да имат пристап до видеата од ВАР-собата и анализите, каде ќе може да добијат детална анализа.

„За да ние докажеме дека сме максимално транспарентни од пролетната полусезона клубовите кои што мислат дека има донесено проблематична одлука на натпреварот по ВАР комуникацијата ќе имаат право по поднесено барање да дојдат во просториите на ФФМ, во ВАР системот каде што се нашите соби и да ја слушне комуникацијата помеѓу ВАР судијата и главниот судија. Сите натпревар кај нас се снимаат во ВАР-от и целата комуникација 90 минути комплетно останува во нашата архива. Секој клуб што мисли дека е донесена проблематична одлука ние ќе донесеме на управен одбор на мој предлог, на првиот нареден управен одбор дека од наредната полусезона ќе може клубовите и да слушнат. Ние немаме што да криеме, ВАР ви е како мало дете, ние сега започнавме да го работиме, нормално е дека и нашите судии и операторите и сите ќе учат на неправилностите на грешките, не можеме се да знаеме. Многу поразвиени држави од нас кои што со осум и 12 камери ги следат натпреварите и во Премиер лигата имате катастрофални одлуки на ВАР. Ние како мала држава јас ви кажувам дека немаме скандалозни одлуки во ВАР-от“, истакна Омерагиќ.

ВАР-системот започна да се имплементира од оваа сезона во македонскиот фудбал, односно по доаѓањето на Омерагиќ за претседател на ФФМ.

Александар Ванев, М-Нет