
Драстично намален долгот на КБ Штип за нешто повеќе од една година. Од месец август 2024 година кога болницата по разни основи должеше 188 милиони денари, крајот на оваа година ќе ја заврши со долг од приближно 35 милиони денари. Како што истакна директорот, доктор Владко Захариев, ова се должи пред се на добрата стратегија за работа.
„На прво место е дека 2025 година е година на финансиска стабилизација. Тоа е намалување на долгот кој го имавме, очекувамедо 31.12 долгот на болницата да биде некаде околу 31 до 35 милиони. Во споредба со долгот од август 2024 година, тој беше 188 милиони, 31.12.2024 беше 125 милиони“ – вели Захариев.
Дополнително измината година освен подобрување на финансиски план, има голем број лекари кои се специјалисти, а набавени се и потребни нови апарати кои ќе ја олеснат работата и ќе ја зголемат услугата кон пациентите од регионот.
„Пред една недела набавивме нов бронхоскоп, имаме две лекарки пулмолози. За педијатрија морам да споменам дека многу педијатарки станаа субпецијалисти оваа година. Имаме тројца субспецијалисти, детски невролог, кардиолог и гастроентерохепатолог. За нивна употреба направивме ехо апарат со сите потребни сонди“ – додава Захариев.
Оваа година во КБ Штип се вработија 36 вработени. Тенденција е наредната година да се зголеми бројот на вработени лица, и да се вработи персонал кој сега во моментот е најмногу дефицитарен, односно медицински сестри, болничари, хигиеничари, адинистрација и технички персонал.
Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет