Во последната недела дена нема ново хоспитализирано лице од Ковид 19 во штипската модуларна болница

Ситуацијата со ковид 19 стабилна и вообичаена во општините од Истокот. Нема промени во бројот на хоспитализирани пациенти во болниците во Кочани и Штип, и регистрирано е едно починато лице во болнички услови во модуларната ковид болница во Штип на 80 годишна возраст. Во последната недела ден во Штип нема ново пријавено лице позитивно на корона вирусот, а хоспитализирани се 19 пациенти, слободни се 28 кревети, а намален и бројот на пациенти кои имаат потреба од кислородна поддршка, однсоно нивниот број е 5, информираше потпаролот на Клиничка болница Штип, Марина Шуманска.

Нема промени и во кочанската модуларна болница. Само две лица сеуште се на минимална кислородна поддршка, а во модулараната болница се хоспитализирани 5 пациенти, кои се очекува викендот да бидат пуштени на домашно лекување. Модуларната ковид болница во Кочани ќе работи уште викендот, а од понеделник ќе биде пренаменета како вакцинален пункт, посочи директорот на болницата Александар Серафимов. Во последните две недели во Кочани регистритрано е само едно починато лице.

Според информации од Институтот за јавно здравје едноцифрен е бројот на лица кои се тестираат за ковид 19 со упат од Матичен лекар, број кој се јавуваше пред една година само во почетокот на пандемијата. Во најголемиот пик дневно се тестираа по 100 пациенти.

Намалениот број на новоинфицирани пациенти како и намалување на притисокот врз болниците доведе до нов предлог за олабавување на рестрикциите, предложени од страна на Комисијата за заразни болести, но и препораката на Министерот за здравство Венко Филипче за максимално почитување на мерките и протоколите за заштита од невидливиот непријател.

Според информации од Министерството за здравство досега во земјата се направени вкупно 785.345 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 155.169, бројката на оздравени пациенти е 147.301, на починати е 5.369, а бројот на активни случаи изнесува 2.499.

Лаура Стојанова М-Нет