Во недела прво издание на „Вардиште Траил“ во Штип во организација на Ултра, ќе се одржи и детска трка „Мини Ултра Кидс“

Во недела ќе се одржи првото издание на „Вардиште Траил“ во Штип, во организација на здружението на планинарски спортови Ултра од Штип. Трката ќе биде во должина од 17 километри и 800 метри вкупно искачување, а која ќе започне во 10 часот.

„Во недела имаме организирано трка од 17 км, „Вардиште Траил“ која што ја организиравме три четири месеци интензивно заедно со мојот тим Ултра. Големата трката започнува во 10 часот, стартот е од сончев град“, вели Манев.

Исто така ќе биде организирана и детска трка која ќе започне веднаш после главната трка.

„Паралелно со неа имаме исто така детска трка, трка во природа, познатите борчиња како што ги викаме ние. Детската трка ќе започне веднаш после главната трка или во десет часот и десет минути“, ни изјави Манев.

Овој спортски настан ќе биде посветен на големата трагедија која се случи во Кочани, каде животот го загубија 59 лица, меѓу нив и млади спортисти.

„Овој настан се двоумевме дали да го откажеме поради ситуацијата, но се решивме да го посветиме на сите трагично загинати во трагедијата во Кочани“, дополнува Манев.

Стартните пакети ќе се подиграат утре, а тие кои не се во можност ќе може да ги подигнат во недела, но најдоцна до 09:30 часот.

„Стартните пакети морам да кажам дека сите пријавени може да ги подигнат утре, сабота од 12 до 14 часот кај Домот на културата во Штип. Кој не е во можност нормално можат и во недела пред трката, меѓутоа апелирам тоа да биде најдоцна до 09:30 часот со цел да се избегнат гужвите. Исто апел до сите кои ќе дојдат со возило да паркираме разумно бидејќи немаме многу голем капацитет да примиме возила, може да паркираат и во населба Дузлак, блиску е целиот настан“, истакна Манев за М Нет телевизија.

Трката ќе биде организирана по првпат, а Манев за М Нет телевизија истакна дека истата ќе се организира и во иднина и ќе прерасне во традиција.

„Ова трка за првпат ја организира нашето здружение ние нема да ниту последен, нормално, ова ќе биде традиција да ја организираме. Трката се вика „Вардиште Траил“ по пределот кој се вика Вардиште, каде што ќе трчаат тркачите на 17 км. Детската трка се вика „Мини Ултра Кидс“, рече Манев.

Интересот е голем и во машка и женска конкуренција, а ќе има симболично доделување на награди, а детската трка ќе биде поделена во категории.

„Ќе имаме на крајот симболично доделување на награди и во машка и во женска конкуренција. Детската трка ќе биде поделена по категории. Ќе учествуваат дечиња од 6 до 13 години, поделени во категории. Најголемите дечиња ќе трчаат еден километар, додека помалите 800 и 600 метри, така ќе бидат доделувани и наградите. Ќе имаме награди и во машка и женска конкуренција и во категории“, надополни Манев за М Нет телевизија.

Учество ќе земат 100 тркачи на големата трка и 100 дечиња на детската трка во машка и женска конкурнеција.

Александар Ванев, М-Нет