Во Кочани се одржа вториот Меморијален шаховски турнир „Тодор Милосиев – Тошо“

Во Кочани денеска се одржа Меморијалниот шаховски турнир „Тодор Милосиев – Тошо“ во знак на сеќавање на една од најголемите шаховски легенди во Кочани, долгогодишен активен шахист, а подоцна и претседател на шаховскиот клуб. На Турнирот учествуваа повеќе од 20 играчи, кои беа од различна возраст.

„Ќе се игра швајцарски систем, не знам во колку кола, дали 9 или 11. Тоа е систем во којшто се важни поените, па играш со играч којшто има исти поени. Нема елиминација, на крај кој има намногу поени, тој ќе биде победник“, истакна Ванчо Стаменков, шахист.

Кочанскиот шаховски клуб во времето на Милосиев секогаш бил меѓу најдобрите во државата, но денес тоа е со мала стагнација. Стаменков посочува дека прво Општината мора да ги спроведува законските одредби, а тоа е да ги поддржува малите спортови.

„Може, Кочани има многу играчи. Клубот секогаш беше меѓу првите три во Македонија, постојано со години, ама во одреден момент финансиите беа проблем и, едноставно, се престана со натпревари. Да, треба некој да се ангажира. Инаку, Тодор Милосиев беше доста ангажиран тие години и сето тоа се случи со поддршка на Општината, од каде треба поддршка за малите спортови“, додава Стаменков.

Ова е втор меморијален турнир во Кочани и во организација на Шаховскиот клуб „Кочани“, а со поддршка на Општината.

Ребека Спасова М-Нет