
Утре на програмата ќе бидат натпреварите од 18. коло на Втората македонска фудбалска лига, а гледачите на М Нет телевизија ќе имаат можност да го проследат натпреварот од Турново, каде ќе се соочат Каменица Саса и Брегалница.
Продолжува соработката на М Нет телевизија и ФФМ и во пролетниот дел, а овој меч ќе може да го следите и на платформата на ФФМ.
Теренот во Македонска Каменица беше суспендиран на два натпревари поради настаните што беа од последното есенско коло со Скопје, па затоа Саса мечот со Кожуф и утрешниот со Брегалница ги игра на стадионот „Кукуш“ во Турново.
Натпреварот е од капитална важност за Брегалница, која ќе има повеќе од тежок и незгоден противник. Саса сака да врати за поразот во Штип во првото нивно соочување за оваа сезона, кога „сините“ преку пресврт и со гол од пенал забележаа победа против „рударите“.
Притисокот за трите бодови кај Брегалница е голем, бидејќи со реми и пораз може да заврши на второто место, во зависност од резултатот во Куманово на дербито меѓу Башкими и Арсими.
Од друга страна Саса е во ситуација да го напаѓа четвртото место, а со евентуален триумф против Брегалница, „рударите“ ќе земаат сериозен залет и ќе конкурират за четвртото место.
Преносот на М Нет телевизија ќе започне во 13 часот од стадионот „Кукуш“ во Турново.
Александар Ванев, М-Нет