Во ЖИВО на М Нет од Охрид: Дерби-пресметката помеѓу Воска Спорт и Гостивар

Утре гледачите на телевизија М Нет ќе имаат ексклузивна можност во ЖИВО да ја следаат дерби-пресметката помеѓу екипите на Воска Спорт и Гостивар во рамки на 20. коло од Втората македонска фудбалска лига.

Утрешното дерби на СЦ „Билјанини Извори“ е од огромна важност и за двете екипи на патот кон директен пласман во Првата македонска фудбалска лига. Утрешниот меч може да се покаже како одлучувачки за првите две места кои директно водат во Прва лига, а исто така, утрешниот меч може да го даде и новиот лидер на табелата во Втора лига.

Воска Спорт и Вардар со по 46 бодови го делат врвот од табелата, а пак Гостивар со 44 бода е на третото место, а пак Пелистер е четврти со 40 бодови.

Вардар ќе има лесна задача против Караорман во меч каде „црвено-црните“ ќе бидат фаворити за трите бодови, па така, утрешното дерби кое ќе оди во ЖИВО на телевизија М Нет може да го даде и новиот лидер во зависност од резултатот на СЦ „Билјанини Извори“.

Гостивар нема право на грешка бидејќи бодовно ќе назадува, а пак Воска Спорт е силно мотивирана по петте победи во низа.

Игор Стојчевски ќе ја дели правдата на мечот кој ќе започне во 14:00 часот.