
17-тото коло на Втората македонска фудбалска лига се игра утре, а гледачите на М Нет телевизија ќе имаат можност да го проследат ексклузивно натпреварот меѓу Брегалница и Новаци кој се игра на Градскиот стадион во Штип.
Соработката на М Нет телевизија и Фудбалската федерација на Македонија продолжува и во иднина, преносот од Градскиот стадион во Штип ќе можете да го следите на М Нет телевизија, како и на платформата за ФФМ, со што продолжуваме да второлигашкиот фудбал да го носиме во секој дом пред телевизиските екрани.
Брегалница ќе го имам приматот на фаворит на утрешниот меч против Новаци кој важи за незгоден противник особено против фаворитите. „Сините“ предводени од Трајче Сенев немаат право на грешка, откако одиграа нула во Прилеп во претходното коло, сега мора да го изнајдат рецептот како до триумф во пролетниот дел. Се освен триумф за Брегалница може да значи и спуштање на едно до две места на табелата, во зависност како ќе одиграат конкурентите Башкими и Арсими.
Новаци има мали промени во играчкиот кадар, но останува и натаму конкурентен тим за средината од табелата и во обид за нешто повеќе до крајот на сезоната, а тоа го потврди откако во претходното коло одигра 0:0 против Детонит Плачковица.
Ова е меч каде психолошки притисок ќе има повеќе Брегалница, иако до крајот од сезоната ќе има уште многу бодови во игра, но сепак е важно да се забележи триумф на утрешниот меч, бидејќи Новаци и со бод ќе биде задоволен од Штип.
Главен арбитар на мечот ќе биде Никола Костенчев, а негови помошници ќе бидат Филип Николов и Александар Николоски, сите од Скопје, а пак велешанецот Никола Иванов ќе биде четврти судија.
Пренос на М Нет телевизија кој во соработка со ФФМ ќе можете да го следите и на платформата на федерацијата ќе започне во 14 часот.
Александар Ванев, М-Нет