Во втора фаза реконструкцијата на модуларната болница во Штип, ќе има и алтернативен паркинг простор

Во втора фаза е процесот за реконструкција на модуларната болница по што истата треба да биде ставена во функција за пациентите преку Мој термин. Во моментот се работи на поставување мебел, клима уреди и слично, со цел во најбрзо време да биде функционална. Дополниетелно ќе се работи и на времен паркинг простор кој ќе биде обезбеден за пациентите, и ќе може да се користи.

„Процесот на реконструкција на модуларната болница во Штип е во втора фаза. Се работи на средување на вратите, мебел, поставување клима уреди, поправка на струја. Исто така во координација со општината и градоначалникот планираме синхронизирано да може да се работи на алтернативен паркинг, кој би бил времен паркинг простор за пациентите. И се надеваме дека во скоро време ќе се пушти во функција“ – вели Захариев.

Над 150 илјади пациенти на годишно ниво во КБ Штип се за прегледи преку Мој термин, со што се прави дополнителна гужва пред болницата. Со пуштањето во функција на модуларната болница, ќе се намали метежот пред КБ Штип, пациентите ќе бидат поделени, со што ќе се овозможи подобро функционирање и подобри услови.

„Тие што се елективни пациенти во Мој термин да бидат во горната половина на болницата кај модуларната, додека тие кои ќе бидат итни ќе бидат во делот каде што сега е приемно одделение. Со тоа се надеваме дека метежот со автомобили ќе се намали.“ – додава Захариев.

Во модуларната болница првично е предвидено да бидат сместени 15 амбуланти каде ќе се вршат специјалистички и субспецијалистички прегледи преку Мој термин.

Модуларната болница во Штип беше поставена во време на ковид пандемијата, а потоа истата беше мета на крадци. Со цел да се искористи целосно се прават сегашните напори со што ќе се постават амбуланти за пациентите.

Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет