
Повеќе од десет години се работи документација за изградба на регионална депонија во Источниот и Североисточениот регион, ама проектот и понатаму тапка во место. Но, по одземањето на ингеренциите на градоначалникот на Свети Николе и одржана јавна расправа во општината сѐ уште стои предлогот за депонијата да биде лоцирана во близина на селото Мечкуевци. Таму ќе завршува 20% од отпадот, кои претходно треба да биде селектиран и на тој начин да заврши на депонијата.
„Цела оваа документација се работи од 2011 година. Спрема регионалниот план за отпад по сто илјади тони годишно отпад во секој регион се произвува. Меѓутоа регионалниот сиситем за управување со отпад не значи дека целиот овој отпад ќе се носи на преработка во идната централна инсталација. Првично уште на местото на создавање односно во самите општини ќе има посебни контејнери каде ќе се селектираат хартија, пластика, метал, стакло, сѐ она што моќе да се рециклира, картон исто така. Зелениот отпад, трева, гранки не смее да се носи на депонија спрема европските директиви кои ги имаме верификувано, што значи ќе се отстрани и тој отпад кој изнесува околу 45% и во Источниот и во Североисточниот регион.“ – вели Михајлова.
За депонијата во Свети Николе целосно да биде пуштена во финкција потребни се уште најмалку две години, што значи реално би требало да биде готова во 2026 година. Постојат шест претоварни станици кои се дел од централната постројка и со нив ќе управува јавното претпријатие.
„Од распишување на повикот додека се заврши постапката, во рок од две години треба да биде изградена, најреално би требало да биде готова 2026 година и да се стави во функција. Точниот број на вработени не се знае оти сега ќе се прави документацијата. Околу 80 луѓе ќе треба сигурно да бидат вработени“ – додава Каранфилова.
За изградба на регионална депонија во Свети Николе се обезбедени гранд од 40 милиони евра, а општините во Истокот веќе работат на чистење на постоечките диви депонии.
Лаура Стојанова М-Нет