ОИК Штип ги објави изборните резултати

Само 64 гласа е разликата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во Штип.

Ова се резултати објавени од ОИК Штип, односно претседателката Сенка Андреева.

По сумираните резултати од 80 избирачки места во Штип, односно од преброените вкупно 23.112 важечки гласачки ливчиња, 10.141 се за Коалицијата „Обнова за Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ и носителот на изборната единица 3 – Игор Јанушев.

За Коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ и носителот на листата Љупчо Николовски, гласале 10077 гласачи во Штип.

Според бројот на гласови трета на листата е Левица со 1.257 гласа.

Овие првични резултати од ОИК Штип укажуваат на тоа дека место во парламентот имаат двајца пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, а тоа се Иван Јорданов и Никола Мицевски, од СДСМ еден пратеник – д-р Сашко Николов, а едно пратеничко место според бројот на гласовите освои и Левица – историчарот на уметност, Борислав Крмов.

Според ОИК Штип, вкупниот број на гласачи во Штип изнесувал 41813. Сепак, од тие ливчиња 955 биле неважечки, а бројот на неупотребени гласачки ливчиња изнесува 17.746.

БИЛЈАНА ПОСТОЛОВА / МНет.мк