
Додека од една страна започна тест периодот на прочистителната станица со која штипјани ќе се снабдуваат со вода за пиење од ХС „Злетовица“, од друга страна ОК на ВМРО ДПМНЕ Штип преку прес – конференција прашуваат: нема ли компании во државата па сите државни тендери вклучувајќи го и овој мора да се доделуваат на фирми блиски до СДСМ?
„Денес Заев треба да одговори како компанијата на Бочварски е подизведувач во преадаптацијата на филтер станицата во Штип. Зарем други компании нема, па сите државни тендери мора да се доделуваат на фирмите блиски до СДС кои во овој петгодишенпериод имаат огромен финансиски бенефит од парите на граѓаните. Државните тендери се делат меѓу функционерите од највисокиот ешалон на владеачката партија и во моментов гледам енатпревар во поделба на буџетски средства и лично богатење“, истакнаа од ОК на ВМРО ДПМНЕ Штип.
Од владејачката СДСМ во писмено соопштение напишаа дека денес очекувале ВМРО ДПМНЕ да го поздрави овој проект и заедно со граѓаните на Штип да се радуваат на фактот што трајно се решава проблемот на штипјани за обезбедување на чиста вода за пиење. Но наместо тоа тие повторно одлучија, исто како и за другите капитални и стратешки инвестиции, да критикуваат и да бараат недостатоци таму каде што ги нема, напишаа од СДСМ.
„Државата во транспарентна постапка избрала изведувач кој е докажан во оваа област и успешно ги реализираат ваквите постројки. Изградена е најмодерна филтер станица за ултра филтрација, една од најголемите во регионот.
Државата понатаму нема ингеренции за меѓу деловните односи на економските оператори за кои напоменуваме дека исто така се целосно транспарентни.“ – додадоа од СДСМ.
Лаура Стојанова МНет