Влажни коловози и апел за внимателно возење, одрони по патиштата во Истокот речиси и да нема

Влажни коловози и апел за внимателно возење и денеска по врнежните од снег. Иако нема задржување на снегот, сепак сообраќајот се одвива по влажни коловози, па како што велат од Македонија пат, потребно е голема внимателност и прилагодена брзина на движење. На вообичаените места во крајниот Исток од државата има појава на одрони, но истите се ситни и се работи на нивно отстранување, што значи нема опасност за возачите.

„Моментално сите коловози се влажни, сообраќајот се одвива по влажни коловози, снег немаме, врнежите од снег се сосема слаби и не се задржуваат ни на страна ни на коловозите. Екипите се спремни за интервенција, возилата се спремни, материјали имаме. Доколку се наложи потреба ќе се интервенира. Одрони ситни се чистат, немаме некои опасни одвивања на сообраќајот.“ – вели Цоневски.

Дополнително врнежи од снег се најавени и за вечерва и за утре. Како што вели Цоневски тие се подготвени и со кадар и со возила и со доволно материјал да интервенираат доколку за тоа се создадат услови.

И од АМСМ препорачуваат прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево. Дополлнително важи обврската за поседување на зимска опрема која е во траење од 15.11.2024 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2025 година.

Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет