
Карбинци запиша нов пораз во Трета лига регион 3 откако на домашен терен беше убедливи поразен од Овче Поле со резултат од 2:8 во мечот од 9. коло.
Ниту тренерската промена не донесе резултатска стабилност, со што Карбинци ќе мора да бара други решенија како да започне да победува.
Победа Валандово е осамен лидер на табелата откако со минимални 0:1 го доби Огражден во Ново Село со голот на Миленковиќ, а пак ланскиот второлигаш Каменица Саса со 0:3 славеше над Дојранско Езеро во гости.
Двоен стрелец беше Филип Николовски, а еден гол постигна Христијан Крстов.
Ударник со голот на Марков славеше во Виница минимална победа од 0:1 над Слога со што трите бодови одат кај тимот од Пирава.
Хоризонт Турново и Малеш одиграа 1:1 и ги поделија бодовите во единствениот меч на кој немаше победник, а во оваа коло слободна беше екипата на Брегалница од Делчево.
На првото место со 19 бодови е Победа Валандово, Каменица Саса е втора со 16 бодови, но „калинкарите“ имаат меч малку во однос на „рударите“, а пак Огражден е трет со 16 бодови, но овој тим има два меча повеќе од лидерот, а еден повеќе од Саса.
Хоризонт Турново е на четврото место со 13 бодови, ап ак Овче Поле и Малеш го делат петтото место со по 12 бодови, Ударни се искачи на седмото место со 11 бодови.
Дојранско Езеро е сега осми со девет бода, а пак Брегалница е деветта со седум бодови, Слога Виница е десетта со пет бодови, а на дното е Карбинци без бодови.
Александар Ванев, М-Нет