Вечерва од 19 часот во живо на М Нет: Дербито на Беласица и Детонит Плачковица

Вечерва во Струмица се игра дербито на Истокот меѓу Беласица и Детонит Плачковица, натпревар кој ќе можете да го следите во живо на М Нет телевизија со почеток од 19 часот.

Беласица на овој меч ќе влезе со фаворитска улога, игра на домашен терен, пред својата верна публика и верните навивачи, има тим кој со години игра заедно, а надополнет со неколку искусни фудбалери. Беласица има амбиции за влез во Прва лига, а од друга страна и покажува дека организациски и инфраструктурно клубот заслужува Прва лига, со оглед на тоа дека натпреварите ги игра во вечерен термин под рефлектори.

Детонит Плачковица е во комплетно нов лик од златната генерација која испиша историја и играше бараж за влез во Прва лига против Вардар, токму на стадионот „Благој Истатов“ остана само голманот Димитар Ѓоргиев, сите други заминаа во нови средини.

Но, Детонит Плачковица одлично тргна во новата сезона и ќе има повеќе од јасно што да каже и покаже во Струмица на термин кој е добро познат на радовишани.

Раководството на Беласица одлучи да ја отвори северната трибина за гостите од Радовиш, каде што ќе бидат сместени и од каде што ќе може да го следат натпреварот, а сигурно е дека стадионот и ќе се наполни и ќе има одлична атмосфера.

Следете го натпреварот на М Нет телевизија, вечерва од 19 часот.

Александар Ванев, М-Нет