Вечерва започнува четвртото издание на „Taste the South“ во Гевгелија

Вечерва, во 18:30 часот, во Mega Shopping Park во Гевгелија започнува четвртото издание на гастрономско-музичкиот фестивал „Taste the South“. Од 11 до 13 септември, фестивалот ќе ги обедини локалните вкусови, традицијата, виното и музиката во тридневна програма наменета за сите генерации.

Уште од првата вечер, посетителите ќе можат непосредно да ја проследат подготовката на домашен ајвар и да го дегустираат заедно со други локални производи. Во сабота фестивалската понуда ќе биде збогатена со смокви и различни производи подготвени од нив, додека во недела ќе биде претставена традиционалната ракија. Преку подготовката на храна пред публика и средбата со локалните производители, посетителите ќе имаат можност да се запознаат со рецептите, обичаите и вкусовите карактеристични за гевгелискиот регион.

Дел од фестивалот ќе бидат и македонски винарии со избор на вина, кои ќе ја надополнат гастрономската понуда и целокупното доживување на југот.

Музичката програма започнува вечерва со настапите на ЗГУД „Негорци“ од Негорци и ЗГУД „Браќа Толеви“ од Прдејци. По нив, на фестивалската сцена ќе настапат Филип Стојанов, „Пауза за ракија“, „Куку Леле“ и „Брас Брадарс“.

Текстот Вечерва започнува четвртото издание на „Taste the South“ во Гевгелија е превземен од МАКФАКС.