Велазерими, Кораб сигурни за баражот за Втора лига, Вардарски е блиску до баражот, неизвесно во Трета лига Југ и Север

Три екипи веќе пополека го обезбедуваат местото во баражот за Втора лига, додека пак во Трета лига – Југ и Север ќе се одлучува до последно коло.

На осум кола до крајот во Трета лига – Запад екипата на Влазерими е лидер со 35 бодови на своето конто или осум повеќе од второпласираниот Џепчишти. Влазерими лани беше шампион во Трета лига – Запад и играше бараж за влез во Втора лига, но загуби од Башкими, додека пак во ждрепката од поразените екипи немаше среќа.

Влазерими сега е на добар пат одново да го обезбеди баражот за Втора лига, откако на осум кола до крајот има осум бодови предност пред Џепчишти, а дуелот на овие две екипи минатото коло заврши без победник и без голови (0:0).

Во Трета лига – Југозапад до крајот од сезоната остануваат уште седум кола. Некогашниот второлигаш од Дебар, екипата на Кораб е на врвот од табелата со 24 бодови на своето конто и има седум бодови повеќе од Лирија од Грнчари која е на второто место. Кораб веќе пополека сигурно кон тоа да го обезбеди првото место и да заигра во баражот за можно враќање во Втората лига, откако Кораб последен пат настапуваше во Втора лига – Запад во сезона 2021/2022.

На шест кола до крајот во Трета лига – Исток екипата на Вардарски од Богданци е лидер на табелата со 27 бодови, четири повеќе од второпласираниот Овче Поле, а веќе овој викенд се игра и дербито на колото меѓу ланскиот второлигаш Слога и Вардарски во Виница, меч кој многу веројатно и ќе одлучи кој би патувал во баражот. Од овој натпревар најмногу би можел да профитира Овче Поле. Слога која сака да се врати во Втора лига, има повеќе од тешка задача поради лошата есенска полусезона, па трите бодови ќе бидат императив за домашниот тим, додека пак Вардарски и со реми би бил задоволен од тешкото гостување и ќе продолжи да го трасира патот кон баражот за Втора лига.

Клучен меч за тоа кој би бил шампион во Трета лига – Исток ќе биде и мечот дербито меѓу Овче Поле и Вардарски, кое ќе се одигра во Свети Николе во рамки на 16. коло, а закажано за 21. април.

Уште осум кола до крајот од сезоната има и во Трета лига – Југ, каде до крај ќе гледаме неизвесна борба за баражот за Втора лига. Борец е лидер на табелата со 30 бодови на своето конто, има четири бодови повеќе од Големо Коњари, но овој тим има меч помалку во однос на конкурентот од Велес. Во трката за првото место се и Превалец и Росоман. Тука ќе биде навистина неизвесно до самиот финиш, а Борец важи за најголем фаворит.

Кој би патувал во баражот за Втора лига многу веројатно е дека ќе одлучи мечот меѓу Борец и Превалец од 17. коло, како и директната дерби пресметка меѓу Големо Коњари и Борец која се игра во рамки на 18. коло односно на 21. април. За Борец тоа ќе биде тежок распоред бидејќи ќе игра два дерби меча едно по друго.

Неизвесна сезона ќе има и во Трета лига – Север каде на осум кола до крајот три екипи сериозно ќе се борат за првото место. Лидер е Куманово со 43 бодови на своето конто, но сега Шкендија Арачиново која е втора има само бод негатива во однос на Куманово, откако со 3:0 го доби дербито со Куманово, кој до крајот ќе има тешки натпревари. Некогашниот прволигаш Еуромилк ГЛ е трет со 39 бодови и сериозно притиска за првото место и баражот за Втора лига.

Веќе овој викенд Куманово дома ќе игра против Еуромилк ГЛ дерби на коло од кое најмногу профит може да има Шкендија од Арачиново, а веднаш потоа во рамки на 19. коло Куманоно игра дерби против БВК Коњаре на гостински терен, а пак во рамки на 21. коло на домашен терен Куманово ќе игра со Фортуна, три тешки натпревари во следните четири кола за Куманово, па многу веројатно и овие натпревари ќе го одлучат патникот за бараж за Втора лига, а патниците кои чекаат ред се Куманово, Шкендија Арачиново и Еуромилк ГЛ.

Александар Ванев, М-Нет