Вардарски ги договори пријателски натпревари, во следниот период ќе бидат претставени и првите засилувања!

ФОТО: Телевизија М Нет

Екипата на Вардарски после долги 27 години се врати во Втората македонска фудбалска лига, откако стана шампион во Трета лига – Исток, а потоа го совлада шампионот на Трета лига – Југозапад екипата на Кораб од Дебар во баражот за Втората лига.

Како што дознава телевизија М Нет неколку млади играчи се на проба во Вардарски, од Тиквеш, Работнички и од Вардар, а во следниот период ќе бидат претставени и првите летни засилувања за новата сезона. Клубот го промовираше Васе Беќаров како нов шеф на стручниот штаб за новата сезона.

Ново засилување во редовите на Вардарски ќе биде 18-годишниот напаѓач Марио Костов, кој на позајмица доаѓа од Брера Струмица. Младиот Костов изминатата сезона во младинската лига на 22 натпревари постигна 16 погодоци.

Клубот веќе десеттина дена се подготвува за новата сезона, а договорени се и пријателски натпревари преку кои ќе се темпира формата. Првиот пријателски меч се игра веќе утре против велешки Борец, а 17. јули против Вардар Неготино, за 20. јули е закажан контролен меч со Беласица, на 27. јули тест со радовишки Детонит Плачковица, на 31. јули контролка со третолигашот Слога Виница, а на 10. август следува „генералка“ со Осогово.

Клубот го претстави Трајче Ников како нов тренер и координатор на младинската школа на клубот, а целта е клубот да постави темели на здрава младинска школа која во иднина полека но сигурно ќе прерасне во еден спортски центар за едукација на младите категории.

Александар Ванев, М-Нет