
Македонскиот шампион Вардар загуби на домашен терен во Скопје од Рига со резултат од 2:3 во рамки на второто квалификациско коло во Конференциската лига на УЕФА, со што Рига носи предност на реваншот во Летонија.
Поразот доаѓа на денот на 79. роденден на Вардар, а за „црвено-црните“ ова беше нов европски пораз на домашен терен, откако претходно македонскиот шампион загуби и од КуПС во првото квалификациско коло во Лигата на шампиони.
Вардар резултат го отвори во 28. минута преку голот на Диего Кастањеда за водство од 1:0, но вардаровата радост траеше кратко откако Рига преку два брзи гола до крајот на полувреме имаше предност од 1:2, преку Гало и Сикера.
Во вториот дел Вардар успеа да израмни преку Герсон Родригеш по асистенција на Закариќ во 66. минута. Сепак, летонците успеаја преку Сикера да постигнат гол за конечни 2:3 со што Рига ќе има предност на реваншот во Летонија, а со тоа Вардар си ја отежнува ситуацијата на ревашот, слично како што беше и со КуПС во Финска.
Сега Вардар ќе треба да се насочи и на мечот со Брегалница кој е закажан за сабота од 17 часот, а потоа в среда го очекува реваншот против Рига во Летонија.
Александар Ванев, М-Нет