Вардар верува во своето „дете“ – Марио Стојановски останува уште две сезони

РК Вардар продолжува со јасната стратегија на стабилност и долгорочно планирање, откако клубот постигна договор за продолжување на соработката со левото крило Марио Стојановски. Младиот ракометар ќе го носи дресот на „црвено-црните“ и во следните две сезони.

Стојановски е продукт на вардаровата школа и претставува пример за играч кој трпеливо и посветено го градеше својот пат до сениорскиот тим. Во изминатиот период тој се наметна како сигурна опција на позицијата лево крило, добивајќи сè поголема доверба од стручниот штаб и зголемена минутажа на натпреварите.

Неговиот развој не помина незабележано, а дополнителна потврда за неговиот потенцијал е и репрезентативното искуство со младите селекции на Македонија.

Со задржувањето на Стојановски, Вардар испраќа јасна порака дека ќе продолжи да инвестира во сопствениот кадар и во играчи кои ја познаваат клупската филозофија. Клубот и понатаму ќе смета на неговата енергија, посветеност и амбиција, со цел остварување нови заеднички успеси во иднина.