
Искршени клупи, детски реквизити, мрежата на спортското игралиште. Само еден месец откако граѓаните од населба Сењак 4 добија нов парк, денеска дел од содржините веќе се уништени.
Граѓаните кои живеат во околните станбени згради и куќи велат овој вандализам е дело на помладите граѓани, кои навечер уништуваат без причина. Се кршат клупите велат, оградата веќе е уништена, па додаваат дека треба да се работи на нивното воспитување и култура.
„Некни една вечер накај 10 часот беше, тоа што е искината мрежата, теглија, пукне, викат, дерат се, две деца беа, викам овие па прават нешто. Утрето гледам сѐ искината мрежата.“
За случајот е запознаен и првиот човек на Општина Штип, Иван Јорданов. Пред камерите на М-Нет телевизија вели дека ваквата ситуација се повторнува во неколку штипски населби, па уште еднаш апелираше да се зачува она што се прави.

„Апелирам до нашите сограѓани за поголема совест и свест за да содржините останат и долготрајно да бидат користени, да се чуваат сите содржини и реквизити, паркови коишто ги оставаме на нашите сограѓани. Мора заеднички да работиме да подигање на свеста кај луѓето затоа што пред сѐ тоа се нивни пари кои се инвестираат и се враќаат назад. Доколку ги чуваме овие содржини кои се изградени, паркови, реквизити ќе може да ги користеме со години. Но, доколку свеста не проработи и доколку истите се уништуваат верувајте колку и да сакаме да оставиме нешто зад себе сепак нема да можеме да постигнеме“ – кажа Јорданов.
Ова не е единствениот уништен парк во изминатиот период во Штип. Мета на вандализам беа и други паркови, уништени детски реквизити и содржини, како и јавните тоалети.
Лаура Стојанова М-Нет