Вакцинирани 31% од населението во државава, Штип меѓу општините со најголем опфат

Вакцинирани се 31% од населението над 18 години со прва доза. Информациите за бројот на вакцинирани граѓани утринава ги објави Министерот за здравство, Венко Филипче, на својот фејсбук профил.

И покрај неговата минатонеделна изјава за нискиот степен на заинтересираност во Истокот, Штип се најде меѓу општините со најголем опфат со 41,1% вакцинирано население.

Таму вакцинацијата се одвива непречено во Здравствениот дом „Панче Караѓозов“. По затворањето на Спортската Сала „Јордан Мијалков“ и прва доза вакцина и ревакцина се прима само во Здравствениот дом.

„Во просториите на Здравствениот дом во Штип се врши ревакцинација со вакцините на „Синовак“ и „Фајзер“ и вакцинираме прва доза со слободен влез за граѓани над 18 години со вакцините „Синовак“, „АстраЗенека“ и „Фајзер“. Сакам да им најавам на пациентите дека Здравствениот дом ќе биде отворен во две смени за вакцина. Значи работиме од 8 часот до 20 часот“, рече Дијана Коцева – Миланова, координатор за вакцинација.

Во тек е и теренската вакцинација за примање втора доза вакцина во селата од околината на Штип и Карбинци. А продолжува и вакцинацијата на деца, кои мора претходно да бидат пријавени преку сајтот вакцинација.мк.

Од Здравствениот дом велат дека има доволно вакцини и постојано се врши достава на нови дози.

Инаку во останатите општини од Истокот, Берово, Пехчево и Пробиштип, со прва доза на вакцина е опфатено помеѓу 30 и 40% од населението. Во Кочани, Делчево и Виница, пак, помеѓу 20 и 30% од населението.

Според информациите кои тој ги објави, најмала заинтересираност има во општините од западниот дел од државава.

Инаку, согласно возрасните граници, кај лицата над 50 годишна возраст опфатот со една доза изнесува 50,6%, кај лицата над 60 годишна возраст – 61,2%, додека кај лицата над 70 години изнесува 64,9%.

Министерот Филипче апелира на што поголема заинтересираност и во периодот што следува. Како што вели тој, вакцинацијата е единствен начин да го победиме вирусот и да спречиме понатамошно ширење на истиот во есенските денови, односно во деновите во кои во светски рамки е прогнозиран иден нов бран на делта сојот.

Лаура Стојанова МНет