Брзите кредити повеќе нема да се исплаќаат на рака, МФ воведува строги правила за финансиските друштва

Брзите кредити повеќе нема да се исплаќаат на рака. Министерството за финансии подготвува законски измени со кои средствата од кредитите кај финансиските друштва ќе се префрлаат исклучиво на банкарска сметка. Од Министерството наведуваат дека мерката следи по извршени контроли во кои биле утврдени слабости и неправилности кај дел од друштвата. Целта е поголема заштита на граѓаните и подобра контрола.

„Се работи на Законски измени кои предвидуваат воведување на задолжителни внатрешни тела во секое финансиско друштво, како одбор за внатрешна ревизија, одбор за кредитен ризик, надзорен одбор и слично.

Дополнително, се зајакнува контролата при отворање на нови деловни простории, при што ќе биде потребна претходна согласност од Министерството за финансии, со утврдени критериуми за условите на работење.“, истакнаа од Министерството

Со измените се предвидува зајакнување на регулаторната рамка во работењето на финансиските друштва. Целта е поголема заштита на граѓаните и стабилност на финансискиот систем.

„Со измените се предвидува и зголемување на основната главнина на финансиските друштва, како и укинување на исплатите во готовина, со што кредитните средства ќе може да се исплаќаат исклучиво преку банкарска сметка. Целта е поголема следливост на финансиските текови и намалување на ризиците од злоупотреби.“, додаваат оттаму

Како што појасни министерката Димитриеска Кочоска , досегашните контроли резултирале со утврдени неправилности, а во одредени случаи биле преземени и мерки како одземање на лиценца.

Иван Митев, М-Нет