500 метри од училиштата и ГПС контрола: Нови правила за казината

Пратениците во Собранието го изгласаа новиот Закон за игрите на среќа и забавните игри, со кој се воведуваат значајни измени во работењето на казината, обложувалниците и останатите приредувачи на игри на среќа. За законското решение гласаа 59 пратеници, додека девет беа против.

Една од најзначајните новини е обврската сите објекти во кои се приредуваат игри на среќа да се наоѓаат на најмалку 500 метри оддалеченост од основните и средните училишта. Целта на оваа мерка е да се намали достапноста на ваквите содржини во непосредна близина на образовните институции.

Законот носи и нови правила за рекламирање, со кои се ограничува промоцијата на коцкањето. Ќе биде забрането истакнување реклами на излозите на објектите, како и маркетинг пораки што сугерираат дека игрите на среќа се начин за стекнување богатство или финансиски успех.

Дополнително, секој апарат за игри на среќа ќе мора да биде опремен со ГПС-уред, што ќе ѝ овозможи на Управата за јавни приходи во секое време да ја следи неговата локација и работа.

Новото законско решение предвидува и повисоки финансиски обврски за приредувачите, забрана за пренесување и мултиплицирање на лиценците, како и зголемени банкарски гаранции за вршење на дејноста.

Во текстот на законот се вклучени и препораките на MONEYVAL, со што се зајакнуваат мерките за спречување перење пари и финансирање тероризам.

Законот беше предложен од Владата минатиот месец и претставува дел од пошироките активности за поголем надзор и регулирање на секторот за игри на среќа во државата.

Дајана Сандева, М-Нет