Брегалница нема право на грешка против одличниот Арсими, дерби во Радовиш, Осогово сака три бода со Победа!

ФОТО: Александар Ванев, М Нет телевизија

Наместо в сабота натпреварите од 12. коло на Втората лига овој викенд ќе се одиграат в недела, а потоа ќе следува репрезентативна пауза.

12-тата рунда го носи и дербито на колото меѓу третопласираната Брегалница и одличниот Арсими кој е на 4. место, дерби кое се игра во Штип каде двете екипи сакаат три бода во борбата за влез во Прва лига.

Штипските „сини“ немаат право на грешка само трите бодови се опција, со пораз може да завршат на 4. место, а со тоа да имаат поголема бодовна негатива во однос на Македонија ЃП, која в недела гостува во Велес како апсолутен фаворит против разнишаниот Борец.

Башкими ќе има незгодно гостување кај Скопје во Автокоманда, каде тимот од Куманово ќе ја носи благата фаворитска улога, па практично од водечките екипи Брегалница и Арсими меѓусебно ќе решаваат за првите две места кои директно водат кон Прва лига, а притоа да се надеваат на кикс на конкурентите.

Средишинот дел од табелата носи соочувања на повеќе екипи со цел прогрес во горниот дел. Охрид гостува во Гевгелија кај Кожуф, каде доколку Охрид ја продолжи фантастичната форма може да дојде и до четвртото место, но во зависност од резутлатот во Штип, може значително да се доближи до бараж зоната. Кожуф в недела ќе бара враќање на победничките патеки.

Во Радовиш се игра дерби на Истокот меѓу Детонит Плачковица и струмичка Беласица каде домаќинот бара победа која ја нема на последите пет натпревари, а Беласица максимално мотивирана сака да го совлада Детонит и со тоа да скокне место погоре на табелата.

Само три бода се опција за Осогово против Победа, се друго ќе биде чекор назад и уште покомплицирана борба за опстанок, а пак Вардарски дома ќе бара прва победа дури во 12-тиот натпревар против Новаци, кој пак сака победа во Богданци со цел да се задржи во златната средина.

Во Неготино ќе има соочување на Вардар и Каменица Саса каде императивот е три бода на двете екипи кои влегоа во победничка форма.

Натпреварите стартуваат во 13 часот.

Александар Ванев, М-Нет