Брегалница загуби од шампионот Вардар, високи порази за Арсими и Башкими, Шкендија Арачиново со деби пораз

Првото коло во Првата македонска фудбалска лига беше доста ефикасно од аспект на постигнати погодоци, на секој меч имаше голем број на голови, за високи и убедливи победи, но и за тешки порази.

Брегалница со пораз се врати во Првата македонска фудбалска лига, откако загуби од шампионот Вардар во Скопје со резултат од 2:0. „Црвено-црните“ чуваа сили за реваншот со Рига во Конференциската лига на УЕФА, а за „сините“ ова беше и воедно прв меч бидејќи немаа подготовки.

Тиквеш со неверојатна игра го декласираше Арсими на домашен терен со 5:1 со што прволигашот од Кавадарци одлично ја отвори сезоната, а тимот од Чегране се соочи со тежок пораз.

Шкендија Арачиново со пораз дебитираше во Првата македонска фудбалска лига, откако загуби од Струга Трим Лум со високи 3:0, а пак најголем пораз доживеа Башкими кој во Кратово беше декласиран од Силекс со 6:0.

Повратникот Скопје претрпе пораз од 3:0 од вицешампионот Шкендија, со што тимот од Тетово со триумф ја отвори новата сезона.

Со оглед на тоа што ќе има пауза до второто коло кое ќе се игра на 8 август, се отвара можност за мини подготовки за екипите, осообено за Брегалница која би требало да се доекипира и да се доигра, а слично ќе биде и за Башкими.

Во следното коло Башкими ќе игра на домашен терен со Тиквеш, Брегалница во Штип ќе го пречека Арсими, Скопје против Струга Трим Лум, дербито ќе го играат Вардар и Шкендија, додека пак Силекс ќе му гостува на дебитантот Шкендија Арачиново.

Александар Ванев, М-Нет