
Прволигашот Брегалница ги започна летните подготовките за сезоната која следува, а која ќе започне на 25 јули со воведните мечеви од првата рунда.
На Градскиот стадион во Штип се собраа фудбалерите кои ќе го носат дресот на Брегалница во новата сезона, а меѓу нив како што веќе објави М Нет телевизија се врати искусниот дефанзивец Дарко Стојанов.
Ростерот ќе претрпи некои промени, а се очекува во текот на следната недела и дефинирање на потребните засилувања во секоја линија од тимот со цел Брегалница да биде конкурентна во прволигашкото друштво.
Дополнително, ќе се дефинира и стручниот штаб, односно кој ќе биде шеф.
Се очекува да пристигне и мнозинскиот акционер во клубот, Германецот Франк Соломон, кој има 51% од акциите во штипскиот прволигаш, а според договорот тој треба да вложува минимум 30 милиони денари по сезона, со 15 милиони денари од општината која има 49% од акциите, доколку Брегалница испадне во Втора лига, тогаш мнозинскиот акционер треба да вложува по минимум 15 милиони денари, а општина Штип ќе дава финансиска поддршка со девет милиони денари.
Минатата сезона Брегалница заврши на челната позиција во Втората лига и како шампион обезбеди враќање во елитата. Штипјани сезоната ја отвараат против шампионот Вардар во Скопје.
Александар Ванев, М-Нет