
Штипскиот второлигаш Брегалница денес ги започна подготовките за пролетната полусезона, шефот на стручниот штаб, Трајче Сенев, денес на Градскиот стадион во Штип ја имаше првата прозивка.
Како што велат од клубот на првата прозивка на Сенев се појавиле скоро сите фудбалери на кои тренерот ќе планира во пролетниот дел.
Засега од клубот само го потврдија трансферот на Стефан Бабунски, кој во Брегалница пристигна од редовите на радовишки Детонит Плачковица, а од клубот најавуваат дека во следните денови ќе бидат промовирани други засилувања, а ќе бидат соопштени и пријателските натпревари преку кои Брегалница ќе ја темпира формата за пролетниот дел.
Првиот пријателски натпревар ќе биде против Осогово на 18. јануари, а ќе бидат одиграни повеќе пријателски натпревари во рамки на зимските подготовки.
Од екипата на Брегалница замина Јовица Радевски, како што веќе информираше М Нет телевизија, Радевски е нов играч на Детонит Плачковица, кој всушност е повратник во редовите на радовишкиот тим.
Брегалница есенскиот дел од Втората македонска фудбалска лига го заврши на второто место на табелата со 33 бодови, пет помалку од лидерот Македонија ЃП, а еден повеќе од Башкими кој е трет на второлигашката табела.
Пролетниот дел од сезоната штипските „сини“ предводени од Трајче Сенев ќе го отварат во Прилеп, каде ќе се соочат со Победа, во дуел на два поранешни прволигаши. Целта на Брегалница е експресно враќање во Првата лига, откако минатата сезона испадна од елитата заедно со Македонија ЃП.
Александар Ванев, М-Нет