Браната на река Отиња е 60% изградена, Бочварски очекува да биде завршена на крајот на 2024 година

До крајот на следната година министерот Бочварски очекува да го види и крајот на изградбата на браната на река Отиња во Штип. При денешниот увид на терен тој посочи дека е утврдено оти динамиката на работите на терен се засилува и проектот е реализиран околу 60%. Потенцираше дека е важно што се премостени сите административни пречки, кои во изминативе месеци го кочеле проектот.

„Разговарав и со претставниците на изведувачот и на надзорниот орган кои ги претставија реалните состојби и активностите кои се реализираат на терен. Во овој момент работиме на изградба на загатот на бочниот преливник и очекувам наскоро да започнеме со изградба на телото на браната. Предизвиците со кои се соочивме во изминатите месеци се надминуваат, а динамиката се зголемува. Темелниот испуст е веќе завршен, а во завршна фаза е и реализацијата на инекционата завеса. Загатот кој сега се работи е со околу 50% прогрес, додека вкупниот прогрес на изградбата на браната изнесува речиси 60%“, рече Бочарски.

Бочварски додаде дека Министерството има предвидено буџет за овој проект и за следната година. Првичниот рок за изградбата беше почетокот на 2024 година, но согласно со временските услови се очекува да се пролонгира до крајот на следната година. Бочварски потенцира дека е важно што оперативата и денес има простор и можност за работа.

„Веќе гледате дека фронтот е зголемен токму во овие месеци кога имаме ниски температури и драго ми е што и денеска има огромен и добар фронт за работа. Ние во Буџетот на Министерството за транспорт и врски имаме предвидено средства и за наредната година веќе да се види крајот на реализацијата на овој проект, нормално, согласно со временските услови, бидејќи овде временските прилики или неприлики многу влијаат на реализацијата на градежните објекти, посебно на вакви објекти коишто на кои и те како временските услови имаат влијание“, додаде Бочварски.

Изградбата започна на 21 јули 2021 година, а предвидената инвестициска вредност на проекот е 306 милиони денари. За продолжување на проектот оваа година беа обезбедени повеќе од 120 милиони денари преку Буџетот на Министерството.

Ребека Спасова М-Нет