Познати добитниците на орденот и признанијата „Св. Никола“, програмата почнува вечерва

Професорот Зоранчо Малинов, ученикот Марио Ванчовски, Лина и Драган Костадинов и Ротари клубот – Штип вечерва ќе го добијат Признанието „Св. Никола“, а Орденот постхумно ќе се додели на штипскиот поетски великан, Ацо Шопов. Општина Штип ја најави програмата со која градот ќе го чествува својот патрон, заштитникот Св. Никола. Традиционално и годинава активностите ќе се случуваат во Соборниот храм „Св. Никола“ во центарот на градот.

„Ќе започне вечерва во 17:00 часот со вечерна литургија, во 19:00 часот продолжуваме со доделувањето на Орденот „Св. Никола“ и признанијата „Св. Никола“. Оваа година Орденот постхумно ќе го добие великанот Ацо Шопов, а ќе го прими неговата ќерка, г-ѓа Јасмина Шопова, а ќе доделиме уште четири признанија, едното е за Зоранчо Малинов, наш сограѓанин-професор, потоа Марио Ванчовски, ученик од Гимназијата „Славчо Стојменски“, Лина и Драган Костадинови и Ротари клуб – Штип. Тоа се овогодишните добитници“, истакна Трајче Здравков, шеф на Кабинетот на Градоначалникот.

Чествувањето ќе продолжи и на самиот ден, 19 декември, со литијата која се одржа и минатата година, а ја следеа бројни верници. На светата архиерејска литургија изутрина ќе чиноначалствува Архиепископот Охридски и Македонски и на Јустинијана Прима, г. г. Стефан, во сослужение со повеќе Архиереи од МПЦ ОА. За време на литургијата ќе бидат изнесени на поклонени и дел од светите мошти на Св. Никола.

„Програмата продолжува на 19 декември со утринска литургија во Соборниот храм „Св. Никола“. По завршувањето на утринската литургија, продолжува литија од Соборниот храм до Плоштадот „Слобода“, каде што ќе биде пресечен славскиот колач од Владиката, г. г. Стефан, и градоначалникот, Иван Јорданов. На 20 декември по повод 100-годишнината од раѓањето на великанот Ацо Шопов, ќе биде положено букет цвеќе на неговата биста“, додава Здравков.

Признанијата и орденот се доделуваат согласно со Одлуката на Советот на Општина Штип од 2009 година. Празникот е меѓу една од помасовните куќни слави, а Штип светецот го смета за свој заштитник, денот кога се празнува, пак, 19 декември, е празник на градот.

Ребека Спасова М-Нет