
Во пресрет на продолжението од сезоната во Третата лига – Југ, ФК Борец 1919 АД активно работи на засилување на играчкиот кадар, со цел тимот подготвен да ја продолжи битката за самиот врв на табелата.
Велешкиот клуб повторно ќе смета на добро познати имиња, откако во „црвено-белиот“ дрес се враќаат Стефан Филиповски и Трајче Костадинов – фудбалери кои потекнуваат од школата на Борец и важат за играчи кои одлично ја познаваат клупската филозофија, атмосферата и амбициите на тимот. Нивното враќање се очекува да донесе стабилност, искуство и дополнителна мотивација во соблекувалната.
Нов член на составот е и Никола Димов, фудбалер од кого стручниот штаб очекува свежина, борбеност и зголемена конкуренција во ростерот во клучниот дел од шампионатот.
Покрај нив, Борец го официјализираше и ангажманот на Даниел Иванов, кој станува најновото засилување на велешани. Со неговото доаѓање, клубот дополнително ја проширува ротацијата и ја зацврстува екипата во пресрет на важните натпревари што следуваат во пролетниот дел од сезоната.
Со овие потези, Борец 1919 јасно испраќа порака дека амбициите остануваат високи, а целта е задржување на победничкиот ритам и сериозна борба за врвот во Третата лига – Југ.